Здружението за наука и култура „Нова“ од Битола на претстојниот Саем на книга во Франкфурт ќе биде претставено на штанд на Здружението на писателите од дијаспората. Гостинка на оваа асоцијација во Германија ќе биде поетесата Мирјана Стојановска, која е координаторка на здружението „Нова“. Стојановска во интервју за МИА зборува за фестивалот „Поетски синтези“, што „Нова“ го организира десет години, како и за предизвикот да се пишува само поезија наспроти доминацијата и популарноста на прозата.
Здружението за наука и култура „Нова“ од Битола неодамна потпиша повелба за соработка со Здружението на автори на дијаспората со седиште во Франкфурт. Од кога постои здружението на иселениците, колкаво членство има и што ќе значи вашата идна соработка?
Здружението на писатели на дијаспората „7-ка“ во Франкфурт постои од 1995 година и во него членуваат автори кои се дијаспора во Германија од балканските и од други земји. Здружението има шеесетина членови и нивна цел е зачувување и афирмација на различните јазици и создавање мостови за културна соработка.
Повелбата за соработка помеѓу Здружението за наука и култура „Нова“ и „7-ка“ ја потпишавме на летниот поетски фестивал „Поетски синтези“ што се одржа на 6 и 7 јули во Битола, кога три члена од претседателството на оваа асоцијација гостуваа во Битола.
Повелбата ги отвори вратите за соработка, така што веќе овој месец сме поканети на големиот Саем на книгата во Франкфурт со претставување на мојата поема „Бегалци од својот дом“ на германски јазик на штандот на „7-ка“.
Соработувате и со Медитеранската поетска асоцијација од Подгорица. Дали тоа ги продлабочи книжевните врски помеѓу Македонија и Црна Гора?
Здружението „Нова“ има Договор за соработка и со Медитеранската асоцијација од Подгорица, Црна Гора, во правец на афирмација на македонската и црногорската поезија и книжевност. Поетот Борис Јовановиќ-Кастел го преведовме на македонски јазик со книгата „Чекаат ли бродовите“, со финансиска поддршка од Министерството за култура.
Промоцијата на оваа книга беше во рамките на фестивалот „Поетски синтези“ и остави силен впечаток на медитеранска поезија што не е застапена кај нас. Реципрочно, се очекува препев на изданија на „Нова“ во Подгорица.
„Нова“ го организира меѓународниот фестивал „Поетски синтези“ во рамките на Битолското културно лето. Годинава успешно го заокруживте јубилејното, десетто издание, иако му претходеа проблеми во организирањето? Што беше причината и како ги надминавте?
„Поетски синтези“ годинава славеше десетгодишен јубилеј. Веќе е препознатлив како успешен фестивал во земјата и пошироко. Фестивалот траеше два дена, гостуваа 15 поети, а сценски впечатливо беше изведена поемата „Бегалци од својот дом“ во изведба на актерките Ана Жежовска и Симеона Павловска од Алтернативниот театар.
Проблемот беше што првпат ова лето фестивалот не влезе во програмата на битолското културно лето „Битфест“, така што финансиите беа сериозна тешкотија и поради тоа ја скративме програмата на фестивалот. Но, сепак, со многу ентузијазам и љубов, го реализиравме фестивалот, така што не се направи прекин во десетгодишната традиција.
Вие сте прва претседателка на Клубот на писателки „Даница Ручигај“ во Друштвото на писателите на Македонија. На што е најмногу посветен Клубот, кои се неговите активности?
Во изминатиот четиригодишен мандат, до мај, јас бев прва претседателка на Клубот на писателки „Даница Ручигај“ при Друштвото на писателите на Македонија. Истовремено бев и член на Претседателството на ДПМ. Целта на овој Клуб е афирмација на македонското женско творештво.
Се востанови наградата „Даница Ручигај“ за најдобра книга на жена автор во текот на една година, а се доделува на 5 мај - денот на роденденот на првата македонска поетеса Даница Ручигај, според која и Клубот го носи името. Исто така, се организираа поетски читања по одредени поводи, дискусии, гостувања.
Повеќе од 20 години објавувате единствено поезија, најнова Ви е „Судбината на буквите“ од оваа година. Тешко ли е стихот да го најде патот до читателите со оглед на популарноста на прозата?
За мене предизвик е поезијата. Тука сум своја, креативна, инспиративна. Не сакам да раскажувам со јазикот на просечниот човек. Публика има и поезијата, и прозата. Точно е дека проза повеќе се чита кај нас и во светот. Поезијата е избор на оние со поистенчен естетски вкус, кои сакаат да уживаат во уметничките креации на јазикот.
Фестивалите се, главно, посветени на поезијата, а тоа е начин на афирмација и заживување на поезијата меѓу младите. Поезијата е привилегија на избраните.
Хатка Смаиловиќ