Афористичарите Миле Ѓорѓијоски и Витомир Долински се македонските претстставници на балкански фестивал „Сатира фест 2018“ што на 10 октомври ќе се одржи во Белград, Република Србија.
Како што истакна Ѓорѓијоски, кој живее и работи во Делчево, огромна е честа и задоволството да се учествува на овој реномиран фестивал заедно со доајените на балканската сатира.
- Фестивалот годинава е посветен на 20-годишнината од објавувањето на првата европска книга од жени афористичарки. Според информациите кои ги добив од страна на Белградскиот афористичарски клуб, за фестивалот владее голем интерес имајќи предвид дека на јавниот конкурс до 15 септември имаше пријавено над 100 автори од земјата домаќин и Балканот. Меѓу пријавените сме и јас и колегата Витомир Долински. Очекуваме достојно претставување на македонската сатира која во последните години барем што се однесува до настапите на меѓународните фестивали бележи подем, изјави Ѓорѓијоски.
Според официјалната агенда, на 16. Фестивал на хумор и сатира ќе учествуваат 35 афористичари од Швајцарија, Бугарија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Македонија и Србија.
Учесниците влегуваат во конкуренција за наградата „Златен круг“, признание кое се доделува за афирмација и популаризација на сатирата во светот.
Оваа награда Ѓорѓијоски ја има освоено во 2014 година.