Градоначалникот на јужниот дел од поделениот косовски град Митровица, Агим Бахтири, денеска во придружба на екипа на приштинската телевизијата Т7 го посети вештачкото езеро Газивода (Ујмир) на границата меѓу Косово и Србија, недела дена откако тоа го стори косовскиот претседател Хашим Тачи, јави дописникот на МИА од Приштина.

- Езерото Ујман е едно прекрасно место. Исто како и ние, и Полицијата на Косово заслужува да се одмори на викенд, напиша на Фејсбук Бахтири, иронизирајќи со Тачи, кого во иста посета пред една недела го придружуваа голем број членови на неговото обезбедување и на специјалните полициски единици на Косово.

Градоначалникот на јужна Митровица, кој езерото го посети во придружба единствено на новинарот Фидан Јуполи и камерман на Т7, изјави дека тоа што го направи Тачи пред една недела е „смешно“.

- Смешно е тоа што го направи Тачи. Тој требаше да дојде тука без полиција. Со полиција требаше да дојде многу поодамна, кога тука гинеа Албанци, за да ја стабилизира оваа област во тоа време, му изјави Бахтири на Јуполи во интервјуто што ќе се емитува вечерва на Т7 во емисијата „ДПТ со Фидан“, а чиј дел објави порталот „Газерта Експрес“, кој е дел од истата медиумска групација.

Новинарот Јуполи ги повика јавно, преку видео порака, премиерот Рамуш Харадинај, претседателот на Собранието Кадри Весели, партиските лидери и министерот за внатрешни работи, оној за ФСК и други, „да фатат такси“ и да им се придружат нему и на Бахтири на „пикникот на Газивода“.

Бахтири на последните локални избори го освои вториот мандат за градоначалник на Митровица како кандидат на опозициското Движење Самоопределување (ВВ).

Косовскиот претседател Хашим Тачи, заедно со со директорот на Агенцијата за разузнавање Шпенд Маџуни и неколку министри, за кои медиумите тврдат дека се под негово влијание и контрола, придружуван од безбедносни сили, пред една недела се прошета низ езерото околу кое спорат Косово и Србија.

Ненадејната и ненајавена посета на Тачи на Газивода предизвика остри реакции од српска страна, така што претседателот на Србија Александар Вучиќ дури нареди подигнување на борбената готовност на војската, откако српските медиуми објавија вести дека Тачи бил придружуван од косовските вооружени сили (ФСК) и од припадници на паравоени формации.

КФОР ги демантираше таквите тврдења во белградските медиуми и соопшти дека посетата на Тачи на Газивода била целосно легална и легитимна и немало никаква провокација по безбедноста во таа област.

Портпаролот на меѓународните сили на Косово, Винченцо Грасо, изјави дека Тачи, како врвен институционален лидер на Косово, може да го посети секое место во земјата и дека за тоа не му треба никаква дозвола од никого, како и дека сите кои го придружувале можат да го посетат тој дел без потреба да побараат дозвола од никого.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/10/2018 17:13