Новиот број на списанието „Книжевно житие“ на Книгоиздателството „Макавеј“ целосно е посветен на современа хрватска поезија.

Со наслов „Дванаесет лирски современици“ списанието на 120 страници донесува стихови од дванаесет современи хрватски поети чие творештво се реализира и го има својот фокус кон крајот на минатиот и во првите децении на нашиот век. Станува збор за поетите: Ружица Циндори, Диана Росандиќ, Ливија Решковац, Соња Зубовиќ, Божица Јелушиќ, Диана Буразер, Жељко Кнежевиќ, Борбен Владовиќ, Делимир Решицки, Борис Домогај Билетиќ, Тито Билопавловиќ и Иван Бабиќ.

Во предговорот кон овој тематски број на „Книжевно житие“ хрватскиот литературен критичар Тин Лемац сумира дека „рецепцијата на хрватските автори во Македонија и на македонски јазик претставува битен сегмент зашто македонските и хрватските книжевни врски се многу силни, па секогаш е интересно претставувањето на еден ваков избор пред македонската читателска и книжевна публика“.

Околу 120-те песни на застапените хрватски автори на македонски јазик ги препеаја македонските поети Санде Стојчевски, Бранко Цветкоски и Весна Ацевска. Ова издание на „Книжевно житие“ е илустрирано со репродукции на слики од класиците на хрватското сликарство – Влахо Буковац, Мирослав Краљевиќ, Мато Целестин Медовиќ, Злата Колариќ, Јосип рачиќ, Емануел Видовиќ и Менци Клемент Црнчиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/10/2018 11:38