Европската комисија побара брза и темелна истрага за свирепото убиство на бугарската новинарка, Викторија Маринова, нагласувајќи дека „нема демократија без слободни медиуми“, јави дописничката на МИА од Брисел.
- Со голема тага дознавме за убиството на Викторија Маринова. Европската Комисија очекува брза и темелна истрага која ќе ги изнесе одговорните пред органите на правдата и да се разјасни дали убиството е поврзано за нејзината работа, изјави денеска портпаролот на Европската комисија, Маргаритис Схинас
Портпаролот потсети дека претседателот на Еврокомисијата, Жан-Клод Јункер, пред еден месец во својот годишен говор истакна дека за ЕУ слободата на медиумите е „света“.
- Новинарите секаде мораат да бидат безбедни и да го даваат својот бесценет придонес за демократските општества, исракна Схинас.
Ова е четврто убиство на новинар во ЕУ за нешто повеќе од една година, по случаите во Словачка, Малта и Данска.
Европската и Меѓунаордната федерација на новинари исто така побараа од бугарските власти во најбрз можен рок да ги идентификуваат и казнат одговорните и побараа општа европска мобилизација на земјите членки на ЕУ за заштита на новинарите.
- Уште еднаш новинар кој покрива корупција беше грозоморно убиен. Истражувачкото новинарство во Европа се повеќе е во опасност. Време е за акција од страна на државите - не смее да има неказнивост, изјави генералниот секретар на Меѓународната федерација на новинари, Антони Беланже.