Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ утревечер премиерно ќе ја изведе претставата „Казимир и Каролина“ од германскиот автор Еден фон Хорват во режија на Нела Витошевиќ. Ова е втора премиера од годинашнава програма на театарот.
Текстот на германскиот автор Еден фон Хорват во Македонија е праизведба. Моментално се игра на неколку европски сцени, меѓу кои во Љубљана, Белград и во Бугарија.
Според режисерот Нела Витошевиќ, претставата е актуелна до ден денес иако датира од 1936 година.
- Текстот се поврзува со моралната и духовната беда која ја живее Македонија од нејзиното осамостојување до денес. Централна е приказната за Казимир и Каролина која во основата е љубовна, но се поставува прашањето колку може таа љубов да опстои во економска криза. Во целиот текст имаме една лепеза на карактери преку кои авторот го слика општеството, но нивната растргнатост е од една страна на нивните соништа и страсти, а од друга страна на бесперспективноста на општеството. Инаку авторот во фашистичка гермнија доста е критикуван и прогонуван и завршува во Париз, рече Витошевиќ.
Според актерката Катерина Чакмакоска, која ја толкува улогата на Каролина, претставата говори за проблемите што не мачат и денеска.
- Уживав за време на процесот на создавањето на претставата, но, текстот е тежок за поставување. Сепак мислам дека најдовме начин да се справиме со тоа. претставата е за скршени соништа и до ден-денеска е актуелна. Истите проблеми не мачат и денеска, истата општествена криза е во прашање која влијае во секој сегмент од нашето живеење, а во претставата објаснуваме колку ние се справуваме со таа криза, вели Чакмакоска.
За актерот Никола Настески, кој по шест и пол години се враќа на матичната сцена во Прилепскиот театар, пораката на авторот е јасна.
- Самиот автор вели дека луѓето не се ниту добри ниту лоши, но општествениот систем ги прави луѓето да бидат егоисти, а претставата ќе покаже колкави егоисти сме ние, нагласува Настески.
Ова е трета соработка на режисерката Витошевиќ со прилепскиот ансамбл. Првата претстава „Змејовата невеста“ пред четири години победи на МТФ „Војдан Чернодрински“, а беше поставена и претставата „Сон на летната ноќ“ според Шекспир. Во претставата „Казимир и Каролина“ играат: Димитар Ѓорѓиевски, Катерина Чакмакоска, Никола Настоски, Зоран Иваноски, Ангела Наумоска, Игор Трпчески, Александар Тодески, Јасмина Мицовска – Станкоска, Наташа Ачански, Михајло Миленкоски. Костимите се на Розе Трајческа Ристоска, музиката е на Огнен Анастасовски, а сценографијата е на Костадин Трпеновски.
До крајот на годинава Прилепскиот театар ќе подготви уште две претстави: идната недела почнуваат подготовките на претставата „Демократија“ од Јосиф Бродски во режија на Кирил Петрески, и претставата за деца „пинокио“ од Карло Колоди во режија на Дарко Ковачески.