Претседателот на Косово Хашим Тачи реагираше остро на денешната изјава на премиерот Рамуш Харадинај дека „идејата за корекција на границите е мртва“ и побара од него „да ги корегира изјавите и ставовите“, инаку ќе сноси последици, јави дописникот на МИА од Приштина.

Премиерот Харадинај денеска им изрази сочувство на тие што заговараат промени на границата со Србија, а претседателот Тачи, кој упорно ја промовира идејата за „корекција на границите“, како решение за споровите меѓу Косово и Србија, попладнево порача дека Харадинај може да ја изгуби функцијата премиер ако не се корегира.

- Убеден сум дека премиерот има потреба да ги корегира неговите изјави и ставови околу дијалогот, затоа што без дијалог нема атлантска иднина за Косово, изјави Тачи на денешната прес конференција во Приштина.

Претседателот му порача на премиерот дека „треба да се коригира“, а дека „тие што не се корегираат се сменуваат“.

- На крајот на краиштата, нашите позиции не се вечни. Премиерите и претседателите можат да се сменат, тие доаѓаат и заминуваат и секако дека можат да се сменат тие што не се корегираат, предупреди Тачи.

Харадинај денеска изјави дека „корекцијата на границите“ (не дијалогот меѓу Приштина и Белград, како што сугерира Тачи дека рекол) како идеја е „мртва“ и им изрази сочувство на тие кои се залагаат за размена на територии со Србија во рамките на конечното решение на споровите меѓу двете земји.

Иако Харадинај во денешната изјава не го спомена Тачи, јасно е дека забелешката се однесува на него, бидејќи косовскиот претседател непрестано последните неколку месеци ја промовира идејата за „корекција на границите со Србија“.

Косовскиот премиер, како и најголемиот дел од владејачките и опозициските партии и од јавноста во Косово остро се спротивставуваат на идејата на Тачи од самиот почеток.

Решението што го нуди Тачи со размена на територии, изразено преку декларативната заложба за „корекција на границата“, има поддршка и од српскиот државен врв, пред се од претседателот Александар Вучиќ и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ, кои тоа го нарекуваат „разграничување со Косово“.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/10/2018 18:44