Незаконски биле укинувањата на бонусите и придонесите за грчки пензионер, според одлуката на Првостепениот управен суд во Солун, со што пензионерот ќе добие назад 11.184 евра.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, 70-годишниот Одисеас Цолојанис, ги тужел фондовите за социјално и пензиско осигурување, а за грчката новинска агенција АНА-МПА вели дека се надевал дека судската пресуда ќе биде во негова корист.
-Сам ја доставив првата тужба и беше отфрлена затоа што немав адвокат, бидејќи така предвидува законот. Но, потоа, ангажирав адвокат и ја зедоа предвид и првата тужба и судот ја разгледа заедно со втората, доставена од мојот адвокат. Едниот фонд ќе ми врати 6689 евра, а другиот 4445, додека пак околу 100 евра ќе добијам за морална штета за периодот од 01.01.2013 до 23.07.2015, вели пензионерот за грчката новинска агенција.
Според АНА-МПА, Фондот за социјално осигурување поднело жалба по пресудата, која ќе се разгледа второстепено од Управниот суд во Солун, а правници за грчката новинска агенција коментирале дека конкретната судска одлука го отвора патот и за други пензионери кои се нашле во слична ситуација и решиле правно да ги бараат нивните права.