Искусниот чилеански фудбалски стручњак, Мануел Пелегрини кој пред девет години беше тренер на Реал Мадрид, изрази поддршка за сегашниот предводник на „кралскиот клуб“ Хулен Лопетеги.

На Реал не му оди според очекувањата и се почести се гласините за смена на Лопетеги кој пред само четири месеци ја доби довербата на раководството да го наследи Зинедин Зидеан.

- Голем е притисокот во Реал Мадрид. Некогаш и при нерешен резултат се вклучува алармот. Тешко е да се води тој клуб. Сега нивните резултати не се според амбициите. Сепак сметам дека треба да му се дозволи на Лопетеги да продолжи со работата. Верувам дека ќе го подигне тимот. Тој го има потребното искуство да го направи тоа, изјави Пелегрини.

Чилеанецот се осврна и на заминувањето на Роналдо.

- Со неговото одење, Реал изгуби многу. Недостасуваат неговите голови, неговата решителност и лидерство. Кристијано ја правеше разликата, додаде актуелниот тренер на премиерлигашот Вест Хем.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/10/2018 11:31