Американското оружје е подложно на кибер напади поради заостанувањето на Пентагон во кибер безбедноста и проблемот да се најде соодветен експертски персонал, се наведува во извештај на американските власти.

Бирото за буџет, кое ја има улогата на американски ревизорски суд, ја истакнува зголемената дигитализација на американската воена опрема како поголем ризик од кибер напади.

Компјутерските програми и сензори ја зголемуваат ефективноста на Вооружените сили, но во исто време ги прават поподложни на кибер напади, се оценува во извештајот.

Во него се посочува дека експерти на Пентагон, додека тестирале нова опрема испорачана на Армијата помеѓу 2012 и 2017 година, покажаа колку е лесно хакерите да ги пробијат овие програми.

Во еден случај, тим од два члена, за само еден час успел да влезе во информативниот систем на тестираното оружје и за само 24 часа да преземе целосна контрола врз неговата работа, истакнуваат авторите на извештајот.

Покрај тоа, Министерството за одбрана „не знае каде се наоѓаат слабостите, бидејќи поради голем број причини, обемот и сложеноста на тестовите беа ограничени“. Пентагон почнува да ја сфаќа тежината на ризиците и потребата подобро да ги заштити своите информативни системи, но тешко може да најде експерти, бидејќи тие се подобро платени во приватниот сектор отколку во армијата, се наведува во извештајот.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/10/2018 12:52