Турската приватна телевизија 24 ТВ денеска емитуваше видео-снимка на која се гледа како исчезнатиот саудиски новинар Џамал Кашоги влегува во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул и како подоцна од таму излегува црно возило кое се упатува кон домот на конзулот.

Телевизијата изнесува претпоставка дека Кашоги бил во возилото „Мерцедес Вито“, кое се потоа се упатило кон домот на конзулот околу два километра од Конзулатот и се паркирало во гаражата.

Турските власти стравуваат дека Кашоги бил убиен во Конзулатот минатата недела. Саудиска Арабија ги отфрли обвинувањата како „неосновани“.

Други турски медиуми, пак, објавија фотографии и имиња на тимот од 15 члена кој пристигнал од Саудиска Арабија за време на исчезнувањето на новинарот.

Телевизијата НТВ посочува дека меѓу нив бил и д-р Салах Мухамед ал-Тубајги, раководител на саудискиот Институт за судска медицина. Се претпоставува дека неговото вклучување во тимот било со цел бришење доказен материјан, посочува телевизијата.

Кашоги (59) исчезна во Истанбул во вторникот по посетата на Конзулатот, каде бил заради обебзедување документи кои му биле потребни за склучување брак.

За него нема никакви иформации откако влегол во саудискиот Конзулат во Истанбул на 2 октомври.

Кашоги, кој живее во егзил во САД, е долгогодишен новинар. Тој е ангажиран во „Вашингтон пост“ и е познат по критичките текстови за саудиските власти. Во неговите текстови тој ја критикуваше Саудиска Арабија и поради војната со Јемен и спорот со Канада.

Тој е познат по интервјуата со поранешниот лидер на Ал Каеда, Осама бин Ладен и патувањата со него во периодот од 1987 до 1995 година. На почетокот на 90-те години на минатиот век дури се обидувал да го убеди Бин Ладен да се смири со кралското семејство на Саудиска Арабија и да се врати во својата татковина, но тој одбил.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/10/2018 13:03