По четири одиграни натпревари во групната фаза во ракометната Лига на шампионите, македонскиот првак Вардар ја има најдобрата одбрана.
Вардар на четирите натпревари забележа исто толку победи со примени 101 гол. Тоа е најдобро остварување од сите екипи во групите А и Б. Под 110 голови примени на четири меча се само уште ПСЖ (105) и ПИК Сегед (106), но и двата тима се наоѓаат во другата група. „Црвено-црните“ ја имаат и третата најдобра гол разлика во групите А и Б, со „плус 15".
Покрај Вардар во Групата А која ја нарекуваат и „група на смртта", настапуваат актуелниот европски првак Монпелје и плус уште два поранешни европски шампиони Барселона и Киелце, како и Рајн Некар, Веспрем и Кристијанштад.
Вардарци досега ги победија Монпелје (27-24), Кристијанштад (33-25), Веспрем (27-25) и Рајн Некар (29-27).