Македонскиот кошаркарски вицешампион, екипата на МЗТ Скопје Аеродром, попладнево замина за Словенија каде што утре, во Копер, ќе ги одмери силите со една од трите непоразени екипи по воведните кола од АБА2-лигата, тимот на Сикст Приморска.
Тренерот на „сино-белите“ очекува многу тежок дуел против екипа која има квалитетен состав.
- Со оглед на сите информации до кои дојдовме, екипата на Приморска дефинитивно е најсериозен кандидат за пласман во АБА-лигата, а мислам дека во моментов имаат екипа која добро би играла во најдоброто регионално натпреварување. Квалитетно се пополнети на сите позиции, имаат екстра центарска линија и играат агресивно. Нормално, имаат и слабости во играта, кои ќе се обидеме да ги искористиме со максимално пожртвувана и агресивна игра. изјави стратегот на МЗТ Скопје Аеродром.
Ова ќе биде прв меѓусебен дуел помеѓу двете екипи, кои е избран за меч на колото во АБА 2 лигата.