Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) соопшти дека е подготвен да се сретне со сите парламентарни партии „со цел да се постигне договор за датумот на одржување на вонредни избори и за правците во кои ќе се одвива дијалогот со Србија по овие избори“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Најголемата опозициска партија во Косово во денешното соопштение му порача на претседателот на Собранието, Кадри Весели дека до сега требало да му стане јасно кои се нејзините ставови за дијалогот меѓу Приштина и Белград.
- Како политичка партија, најголема во Косово, нашите ставови ги претставуваме пред нашето членство и граѓаните, а во Собранието преку нашата пратеничка група, се вели во соопштението на ЛДК.
Пораката претставува одговор на повикот на Весели до опозицијата да ја поддржи предлог-резолуцијата за дијалогот со Белград, која неговата Демократска партија на Косово (ПДК) заедно со другите две партии од владината коалиција, Алијансата за иднината на Косово (ААК) на премиерот Рамуш Харадинај и Социјалдемократската иницијатива (Нисма) на вицепремиерот Фатмир Лимај, ја изготви за дијалогот со Србија.
Со оваа предлог-резолуција се предвидува Собранието на Косово да ја преземе водечката улога во дијалогот со Србија и се нагласува дека границите на Косово се неповредливи.
ЛДК и Движењето Самоопределување (ВВ) најавија дека нема да го поддржат барањето на владејачките партии, без да се исполни нивното барање за вонредна седница на Собранието за дијалогот со Србија.