Министерот за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли информира дека Советот на министрите за надворешнио работи на Меѓународната организација на франкофонијата го прифати барањето на Приштина за унапредување на статусот на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во главниот град на Ерменија, Ереван, во тек е заседание на Генералното собрание на Организацијата на франкофонијата, а Пацоли преку Твитер информира дека од денеска Косово е нејзина придружна членка.

- Барањето на Косово за подигање на статусот од членка набљудувач во придружна членка во Франкофонијата е одобрено од Советот на министрите за надворешни работи. Еден голем чекор напред за Косово и за соработката со Франкофонијата, напиша Пацоли.

Шефот на косовската дипломатија информира дека во текот на вчерашниот ден се сретнал со претседателот и со генералниот секретар на Генералното собрание, Жак Сањон и Жак Крабал, кои, меѓу другото, изразиле поддршка во име на Организацијата за продолжување на преговорите меѓу Косово и Србија за изнаоѓање конечно решение за споровите меѓу двете земји.

На заседанието во Ереван своето учество го најави и претседателот на Косово Хашим Тачи.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/10/2018 17:54