Компјутер со вештачка интелигенција (ВИ) за следната генерација автомобили подготвува шведската компанија Волво заедно со Нвидиа (Nvidia). Базиран на технологијата „Nvidia Drive AGX Xavier“, компјутерот ќе им овозможи на Волво да имплементира ВИ во идната автомобилска платформа Scalable Product Architecture 2 (SPA 2).
Минатата година, Волво и Нвидиа започнаа работа на заеднички системи и развој на софтвер за полуавтономни возила. Новата технологија ќе ги искористи постигнувањата на Нвидиа во областа на вештачката интелигенција и ќе му овозможи на Волво да го преземе следниот сериозен чекор кон имплементација на напредни системи за помош на возачот и опции за персонализација во возилото.
Првиот автомобил со новиот компјутерски систем ќе се појави во почетокот на следната деценија, соопштија од компанијата. Додавањето на можности за 360 степени перцепција и систем за мониторинг, иновациите ќе им овозможат на Волво да промовира целосно безопасни автономни автомобили.
Идната SPA 2 платформа е следната генерација на популарната SPA платформа која е во основата на сериите 90 и 60 на Волво, претставени во последните неколку години и кои придонесоа за најголемиот оперативен и финансиски пресврт во компанијата од 2010 година наваму.
SPA 2 ќе ги искористи постојните платформи, додавајќи технологии од следната генерација, поврзани со електрификација, поврзување и автономно управување. „Volvo Cars“ разви стратешки односи со трети страни за да го забрза процесот на воведување нови технологии во автомобилската индустрија, соопшти компанијата.