Косовските опозициски партии нема да учествуваат на средбата свикана од претседателот на Собранието Кадри Весели за хармонизација на резолуцијата предложена од владејачките партии за дијалогот меѓу Косово и Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Претставници на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Движењето Самоопределување (ВВ) за весникот „Зери“ изјавија дека поканата е несериозна, со оглед дека владејачките партии ја отфрлија иницијативата на опозицијата за собраниска расправа за дијалогот.
Третиот опозициски субјект, Социјалдемократската партија на Косово се уште се нема изјаснето дали ќе учествува на средбата со Демократската партија на Косово (ПДК) на Весели, Алијансата за иднината на Косово на премиерот Рамуш Харадинај и Социјалдемократската иницијатива (Нисма) на вицепремиерот Фатмир Лимај, кои ја изготвија нацрт-резолуцијата за дијалогот со Србија.
ЛДК вчера преку соопштение порача дека со сите парламентарни партии, вклучително владејачките, може да се состане единствено за да се договори за датумот на вонредните избори.
- Како политичка партија, најголема во Косово, нашите ставови ги претставуваме пред нашето членство и граѓаните, а во Собранието преку нашата пратеничка група. ЛДК е подготвена да се сретне со сите парламентарни партии за да се договори за датумот на вонредните избори и за насоките за дијалогот по овие избори, објави вчера ЛДК.