Албанскиот претседател Илир Мета, на последниот ден од превидениот рок, денеска вторпат до Парламентот го врати законот за уривање на Националниот театар.

Во аргументите што ги дава претседателот, фокусот е ставен на фактот дека Владата се уште не ги корегирала целосно недостатоците во првиот закон со уставната проблематика.

Мета додава дека законот повторно е изгласан во Парламентот само со гласовите на социјалистите и оти не е земено во предвид ни едно од неговите девет посочени проблематични уставни и законски нешта во првиот закон, што тој го врати на повторно разгледување.

Првпат претседателот Мета непотпишаниот закон до Парламентот го врати на 27 јули со образоложение дека законот ги крши начелата на „еднаквост пред законот“ и „слободата на економското дејствување на граѓаните“, начела кои, како што нагласува, уживаат посебна заштита од Уставот.

- Законот не е во хармонија со основните уставни начела на националниот идентитет и националното наследство, врз кои граѓаните на Република Албанија одлучија да ја изградат и развиваат својата држава. Исто така не е во согласност со европската конвенција за нематеријалното културно наследство, како ни со начелата и стандрадите на постојната легислатива на Албанија, образложи тогаш Мета.

Тој тогаш посочи дека во време кога не функционира Уставниот суд за да ја испита уставноста на законот Парламентот треба детално да го преразгледа законот.

Но, албанскиот Парламент, без присуство на опозицијата, на 20 септември, со 75 гласови „за“ ниту еден „против“ или „воздржан“, го усвои законот за Националниот театар, со одредени мали измени кои ги направи самото владејачко мнозинство.

Измената се однесува на тоа дека ќе биде распишан тендер на кој може да се јави секој заинтересиран да гради на оваа локација под услов да изгради и нов објект за Национален театар.

Против негово уривање е опозицијата, поголемиот дел од актерите, граѓанскиот сектор, историчари, архитекти.

Лидерот на албанската опозициска Демократската партија, Љуљзим Баша, отворено се закани дека сите оние кои ќе се обидат да го урнат Националниот театар во Тирана, истото ќе ги снајде нивните домови.

- Оние кои ќе го урнат театарот нека се подготват затоа што ќе бидат урнати и нивните домови. Ако на тетарот му постават мини ние ќе донесеме булдожери на нивниот имот. Ова е моја отворена закана. Оној кој ќе дојде да го урива театарот,прво ќе се соочи со мене, истакна Баша.

Националниот театар се смета за еден од најубавите и најзначајните објекти по кој е препознатлива албанската метропола.

Театарот е дело на италијанскиот архитекст Џулио Берте, изграден 1938/39 година по барање на албанското кралско семејство. Целиот комплекс „Национален театар“ oпфаќа површина од 13.000 метри квадратни, а на 7.000 метри квадратни е објектот во кој освен тетарот се и бибиолтеката, центарот на преведувачи, информативниот центар и слично. Нов театар ќе се гради на друга локација.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/10/2018 17:17