Стотици демонстранти кои носеа хрватски знамиња, синоќа излегоа на улиците во Мостар протестирајќи против изборот на умерениот политичар Жељко Комшиќ за хрватски член на тричленото Претседателство на Босна и Херцеговина.
Учесниците на демонстрациите, организирани четири дена по одржувањето на изборите, истакнаа дека не го сметаат Комшиќ за нивни претставник.
Коалицијата, предводена од националистичката Хрватска демократска заедница во БиХ (ХДЗ), освои најмногу гласови на Хрватите на изборите за Парламентот на Федерацијата Босна и Херцеговина и за кантоналните собраније, но сепак, нејзиниот лидер Драган Човиќ ја загуби функцијата член на босанското Претседателство од Жељко Комшиќ од Демократскиот фронт, кој важи за умерен политичар.
Демонстрантите, од кои некои пристигнаа и од други градови во Босна, изјавија дека немаат политички предрасуди, но обвинија дека Комшиќ победил благодарение на гласовите на Бошњаците.
По изборниот пораз Човиќ изјави дека Комшиќ бил избран затоа што добил гласови на голем број Бошњаци, тврдејќи дека мнозинството Хрвати го поддржуваат него.
Носејќи плакати со слоганот „Тоа не е мојот претседател“, демонстрантите се движеа од Универзитетот во хрватскиот дел на етнички поделениот град до канцеларијата на Претседателствоот, каде запалија свеќи за, како што изјавија, „умрената демократија“ во нивната земја.
Комшиќ, кој се залага за изградба на мултиетничка Босна и кој досега во два мандати беше член на босанско Претседателство, убедливо го победи Човиќ, кој се залага за создавање на посебен хрватски ентитет во рамките на БиХ.