Хуан Мартин дел Потро го повреди коленото во својот натпревар од третото коло на „Мастерс“ турнирот во Шангај против Борна Чориќ, што се заканува да доведе до крај на неговата сезона. Аргентинецот поведе со 5:4 во првиот сет кога падна на коленото додека се обиде да фати кратка топка. Тој продолжи да игра, но откако противникот го освои сетот со 7:5 одлучи да го прекине учеството во дуелот. - Направив чудно движење на коленото и тешко паднав на земјата. Веднаш почувствував болка. Потоа изгубив стабилност и сила во ногата, па да не продолжам беше најдобро решение. Не сакав да преземам ризици. Докторите ме прегледаа и рекоа дека треба да ги почекаме резултатите од истражувањата по неколку часа. Тогаш ќе знаеме колку лошо е и како да пристапам кон следните турнири, изјави популарниот Делпо. Аргентинецот има повреди во текот на целата своја кариера, откако претрпе четири операции на зглобот на раката и речиси две години беше надвор од терените. Во финалето на турнирот во Пекинг, пак, поради вирус не можеше да даде се од себе против Николас Басилилашвили.