Женските прволигашки екипи од Делчево и Македонска Каменица се подготвени го дочекуваат стартот на новата кошаркарска сезона.

Екипата на „Клубски Патриот" по пауза од една година се враќа во најелитното женско натпреварување. За добар старт во новата сезона како што информираше тренерот на Делчевки, Љупчо Петровски, екипата учествувала на неколку силни кошаркарски турнири на кои се испитала подготвеноста за новата сезона.

- Како поранешни освојувачи на женскиот кошаркарски Куп, чест ни е што повторно се враќаме во елитното друштво. Сите знаат дека Клубски во минатото беше достоен претставник на кошарката од овој дел на Македонија, а со новите надежи кои ќе настапат за екипата се надевам многу брзо ќе може да ги повториме резултатите од минатото, кога неколку пати бевме дел од фајнал-фор натпреварите, посочи Петровски. Тој наведе дека подготовките се темелат на одигрување пријателски натпревари со силни екипи од соседна Република Бугарија. - Веќе сме подготвени за првиот натпревар што утре го играме со вице-шампионот од минатата сезона, екипата на Вардар, информира Петровски. Освен "Клубски Патриот" од годинава во првата женска кошаркарска лига ќе се натпреварува и екипата на Баскет Кам од Македонска Каменица која во првото коло му гостува на тимот на Гостивар.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/10/2018 13:03