Германската канцеларка Ангела Меркел по денешната средба со словенечкиот премиер Марјан Шарец изјави дека е подготвена да помогне при решавањето на словенечко- хрватскиот спор за границата, и ги пофали напорите на Словенија за заштита на границите на Шенген, пренесе агенција СТА.
- Германија ќе ги поддржи сите напори за решавање на пограничниот спор, рече Меркел на заедничката прес конференција со Шарец и додаде дека е подготвена лично да се ангажира.
Хрватска и Словенија се во спор за границата откако прогласија независност од СФР Југославија во 1991 година. Прашањето беше предадено на меѓународен арбитражен суд, кој ја утврди границата, но Хрватска одби да ја прифати пресудата, бидејќи сметаше дека процесот бил компромитиран.
Шарец истакна дека официјална Љубљана е согласна да разговара само за примена на одлуката на меѓународна арбитража. Тој ги отфрли критиките дека словенечката надворешна политика се сведува само на граничниот спор, велејќи дека Словенија сака конструктивно да учествува во решавањето на сите актуелни проблеми во Европската унија.
Меркел и Шарец разговараа денеска за голем број прашања, вклучувајќи ги самитот на ЕУ следната недела, за Брегзит и миграцијата, посочува СТА.