Стравувањата на одделни европски официјални претставници дека Балканот би можел одново да западне во судири, доколку наскоро не биде прифатен од ЕУ, не се неосновани, оценува американската агенција АП, која тврди дека расте руското влијание на Балканот, во балтичките земји и во Централна Европа.

Агенцијата оценува дека тензиите меѓу Белград и Приштина се во пораст и покрај напорите на ЕУ за постигнување трајно решение помеѓу овие „два некогашни воени непријатели“. Се потсетува и дека Белград пред две недели ја зголеми борбената готовност на својата војска поради присуството на косовската специјална полиција на северот на Косово, кој е населен со Срби.

ЕУ поради сопствени проблеми со години ги занемаруваше балканските земји и сега одделни претставници на Унијата се плашат дека Балканот би можел односно да западне во судири, освен ако земјите од регионот наскоро не бидат зачленети во блокот.

И претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер предупреди на ризик од избувнување војна на Балканот ако ЕУ дозволи да згаснат надежите за членство во Унијата.

Во текстот во кој се говори за руското влијание на Балканот и во другите земји, АП истакнува дека Русија негира оти се меша во политиката на балканските и балтичките држави, но руската стратегија на мека моќ наиде на плодно тло меѓу Србите поради бомбардирањата на НАТО во 1999 година.

Во замена за поддршката на Русија за Косово, Белград стана верен сојузник на Москва, иако официјално тежнее кон интеграција во ЕУ и користи милиони евра од западните фондови.

АП тврди дека двајца руски воени разознавачки оперативци работеле од Србија во 2016 година, кога се обиделе да организираат пуч во Црна Гора со цел да го спречат зачленувањето на земјата во НАТО.

Изборот на Милорад Додик за српски член на Претседателството на Босна и Херцеговина дополнително го засили упориштето на Москва на Западниот Балкан, бидејќи „тој сега може да ја блокира секоја стратешка одлука доколку тоа го нареди Путин“.

Една недела пред изборите во БиХ, тогаш се уште во улога на претседател на Република Српска, Милорад Додик отпатува во Русија за да присуствува на трката во Формула 1, не затоа што е голем поддржувач на овој спорт, како што тврди, туку на уште една средба со рускиот претседател Владимир Путин.

Снимката од Сочи на која се гледа како Путин му посакува на Додиќ голем успех на изборите во БиХ, додека Додик му подарува значка со знамето на Република Српска „претставува очигледен доказ за влијанието на Русија во еден од најчуствителните региони во Европа, нестабилниот Балкан, каде Западот се обидува да ги охрабри помирувањето и реформите по бруталната војна на етничка основа од 90-тите години на минатиот век“.

АП тврди дека „кусата можност за фотографирање со Путин“ му помогнала на Додик на изборите, што „ја продлабочи поделбата по етничка основа која ја уназадува Босна уште од времето на разурнувачката војна од 1992 до 1995 година“.

Потсетувајќи дека Додик отворено заговара отцепување на Република Српска од БиХ и дека е под санкции од страна на САД поради својата политика, американската агенција оценува дека тој се докажал како „клучен сојузник во обидите на Москва за поткопување на политиката на Западот за интеграција на Балканот“.

Русија остро се противи на зачленувањето во НАТО на уште некоја балканска држава, истакнува АП наведувајќи дека западните официјални претставници стравуваат дека Москва ги користи своите историски словенски и православни односи во регионот за поткопување на западната политика за интеграција.

Европскиот своет за надворешни работи во еден свој извештај наведе дека стратешка цел на Русија не е да го потврди својот авторитет на Балканот, туку „да ги поттикне и зголеми постоечките тензии“.

- Во руските очи пристапот на ЕУ кон Западниот Балкан не е ниту сериозен, ниту систематски, што и дава можност на Москва да го шири своето влијание, се наведува во Извештајот.

Иако руското влијание е најочигледно на Балканот, порастот на популизмот во Централна Европа и оди во корист на Москва, обезбедувајќи и постоење на политички партии и политичари кои сочувствуваат со неа ширум целиот контигент, вклучително и во некои членки на ЕУ, како што се Унгарија, Австрија и Чешка.

Проруските сили добро минаа и во Летонија каде опозициската партија која ја поддржува руското малцинство освои најмногу гласови на последните парламентарни избори. АП меѓутоа напоменува дека се очекува таа партија да има проблеми во обидот да формира коалициска Влада.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/10/2018 12:19