Пинг-понгарите од шампионатите во Супер лигата и Првата лигата викендов ќе ги одиграат натпреварите од третото и четвртото коло. Системот на натпреварувања е турнирски, така што на секој турнир се играат по две кола.

Во Супер лигата се натпреваруваат осум екипи: Телеком НЕЦ, Работнички и Вардар од Скопје, штипските екипи Шампион ФА и УГД Гоце Делчев, прилепските Младост и Младост 96, и Мултитекс од Битола. И Првата лига исто така брои осум екипи: Струга, Радовиш, Пошта 2, Дебар Маало, Студент, Кочани, Пелистер и Борец ТИМ.

Првите две кола во Супер лигата донесоа многу интересни натпревари во кои екипите на Вардар, Телеком НЕЦ и Младост забележаа по две победи.

За сезоната 2018/19 во првенството во Супер и Првата лига за прв пат изготвена е програма за статистика на секој играч, со што ќе се има преглед на учинокот на секој играч поединечно.

Во тековните активности на Пинг-понгарската федерација на Македонија кои претстојат, во прв план се завршните подготовки околу отворањето на школатата за млади играчи, за која што цел ангажиран е врвен тренер, Владимир Закиќ од Војводина, Србија и македонската легенда на овој спорт Миле Петрески повеќекратен сениорски првак.

- Целната група на школата се играчи од најмладата генерација од 6 до 14 години. Закиќ и Петрески исто така ќе работат и со членовите репрезентациите во пинг понг. Како резултат на добрата организациска поставеност на ППФМ на чеко со претседателот Горан Тиловски, македонските репрезентативци по долгогодишна пауза учествуваа на Европското првенство во поединечна конкуренција, соопштија од ППФМ.

Исто така ППФМ е организатор на Балканското првенство за јуниори и пионери кое ќе се одржи од 12 до 16 јуни наредната година во Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/10/2018 12:28