Лидерот на најголемата албанска опозициска сила, Демократска партија, Љуљзим Баша, најави дека кога неговата партија ќе дојде на власт ќе распише референдум за враќање на смртната казна во земјата.
Ова тој го изјави во селото Шели, околија Мат, откако беше да изрази сочувство на семејствата на тројцата вработени во локалната власт кои беа затрелани пред два дена од жител на селото,незадоволен што не го продолжиле асфалтирањето на патот до неговата куќа.
- Враќањето на смртната казна е прашање кое им припаѓа на албанските граѓани, но, јас лично сум подготвен да го поставам ова прашање на албанските граѓани преку референдум кога ДП ја презема одговорноста да владее со земјата, изјави Баша на новинарско прашање.
Тој ја обвини актуелната влада на премиерот Еди Рама дека земјата ја довела во најтешка состојба од кога било досега и оти криминалот запоседнал насекаде.
Во четвртокот,кога беа убиени општинските службеници, во Албанија беа регистрирани уште две одделни убиства.
Последната смртна пресуда во Албанија е извршена на 25 јуни 1992 година, кога во центарот на градот Фиер беа обесени браќата Јосиф и Дритбард Чуко од селото Либофш,кои беа осудени за повеќекратно убиство, случај познат како „Масакрот во Либофш“.
Тие ноќта на 29 мај 1992 година при обид за кражба во куќата на семејството Путо во споменатото село убија пет лица, мајка,татко, син,снаа и нивната осуммесечна ќерка.
Инаку,лани во Албанија регистрирани се 47 убиства, колку што приближно се регистрирани во изминатиот период од годинава.