Министерот за надворешни работи на Косово Беџет Пацоли верува дека следниот успех на косовската дипломатија, по унапредувањето на статусот на државата во Организацијата на франкофонијата, ќе биде зачленувањето во Интерпол во ноември годинава, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што напиша Пацоли на Фејсбук, Косово на самитот на Франкофонијата во Ереван, Ерменија, беше унапредена од земја набљудувач во придружна членка, наспроти деструктивните напори на српската страна.

Според шефот на косовската дипломатија, зачленувањето на Косово во светската полициска организација не претставува закана за никого и само ќе придонесе за мирот и стабилноста во регионот.

- Косово во Интерпол значи мир и придонес за внатрешната, регионалната и меѓународната безбедност. Косово во Интерпол значи борба против меѓународниот тероризам и организиран криминал и повеќе безбедност за нашите граѓани, напиша Пацоли на Фејсбук, додавајќи дека ова членство ќе значи и натамошно јакнење на косовската држава.

Генералното собрание на Интерпол, на кое Косово аплицира за зачленување, ќе се одржи кон средината на идниот месец во Дубаи, во Обединетите Арапски Емирати. На претходното собрание, одржано во кинескиот главен град Пекинг, Косово во последен момент се откажа од кандидатурата, бидејќи не успеа да го обезбеди потребниот број гласови за прием.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/10/2018 13:21