Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека судот донел независно решение за ослободување на американскиот пастор Ендрју Брансон.

- Почитуван господине претседател, како што секогаш сум посочувал, турскиот суд ја донесе одлуката самостојно, напиша Ердоган на Твитер, како одговор на претходно објавениот твит на американскиот претседател Доналд Трамп, кој му се заблагодарува на својот турски колега за „соработката за негово ослободување“.

Тој притоа изрази надеж дека САД и Турција ќе ја продолжат соработката меѓу двете земји.

- Се надевам дека САД и Турција ќе ја продолжат својата соработка како сојузници, како што се, и ќе се борат заедно против терористичките групи, додаде турскиот претседател.

Трамп на Твитер напиша дека денеска ќе се сретне со американскиот свештеник Ендрју Брансон, ослободен вчера од турскиот суд и му се заблагодари на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за „соработката за негово ослободување“.

- Ослободувањето на Брансон ќе доведе до „добри, можеби и прекрасни“ американско-турски односи, напиша Трамп и повтори дека нема договор за укинување на санкциите против Турција и покрај ослободувањето на свештеникот.

Турски суд вчера донесе одлука да го осуди на тригодишна затворска казна американскиот пастор Ендрју Брансон, но судијата ги укина сите судски контроли - вклучувајќи ја и забраната за патување - што му овозможи веднаш да ја напушти Турција. Нему казната му е намалена поради добро однесување, а и со оглед на тоа дека веќе отслужил две години од казната, сметајќи го времето во притвор.

Весникот „Вашингтон тајмс“ објави дека Вашингтон и Анкара постигнале договор за ослободување на американскиот пастор Ендрју Брансон, кој е обвинет за тероризам во Турција, во замена за укинување на американските санкции кон Анкара.

За Турција, уапсениот американски свештеник е шпион кој се обидел да ја собори Владата за време на обидот за државен удар од 2016 година. Но, за американските официјални лица, Брaнсон е невин христијански семеен човек, кој е погрешно задржан.

Брансон (50) е роден во Северна Каролина и евангелистички презвитериjански свештеник кој работел во Измир, каде што бил пастoр во црквата Воскресение. Тој живее во Турција повеќе од 23 години, со сопругата и трите деца.

Во октомври 2016 година, неколку месеци по неуспешниот обид за државен удар во Турција, Брансон беше уапсен и обвинет за заговор за соборување на турската влада. Во март беше формално обвинет за шпионажа и врски со терористички организации. Обвиненијата против Брансон вклучуваа поддршка на забранетата Курдистанска работничка партија, како и Движењето на Ѓулен, за кое Турција вели дека го организирал обидот за државен удар. Тој ги негираше обвинувањата.

Брансон беше главна причина за дипломатскиот спор меѓу САД и Турција, поради што САД воведоа санкции и замрзнаа имот на двајца турски министри, но и зголеми царини за увоз на челик и алуминиум од Турција. Турција одговори со воведување двојно повисоки царини за производи од САД.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/10/2018 22:26