На српскиот патријарх Иринеј нема да му биде дозволено да влезе во Црна Гора, информираше црногорскиот весник Побједа, повикувајќи се на висок полицијски функционер.

Оценувајќи ја оваа информација како медиумска шпекулација, патријархот Иринеј изјави да „не е информиран дека е на листатат на несакани гости во Црна Горра, како и да не гледа ниту една причина утре да не отпатува во Црна Гора “.

Како што најавија претходно во српската патријаршија, српскиот патријарх планира во понеделник заедно со антиохискиот патријарх Јован десети да отпатува во Црна Гора.

Весникот Вечерни новости, повикувајќи се на „извори блиски до црногорскиот државен врв“, објави дека на патријархот Иринеј нема да му се прават пречки за влез во Црна Гора.

Најавата за неговата посета деновиве предизвика големо медиумско внимание во двете држави, поради шпекулациите дека црногорските власти имаат направено список на непожелни лица од Србија, меѓу кои се наоѓа и Иринеј, поради неговите изјави дека „ положбата на Србите во Црна Гора е полоша и од времето на усташката НДХ и од Османлиите.“

Оваа негова изјава ја коментираше и црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, кој изјави дека „никој нормален такво нешто не може ни да помисли, а камо ли да изговори“, очекувајќи демант од Иринеј, кој реагираше преку српската патријаршија одбивајќи да се извини.

Посетата на поглаварот на СПЦ и на антиохискиот патријарх Јован на Црна Гора, доаѓа во периодот на заострени односи во православниот свет по признавањето на Укранската православна црква од страна на Васеленската Патријаршија и противењето на СПЦ да и даде автокефалност на Црногорската православна црква, како и на Македонската православна црква.

Исто така, српскиот патријарх Иринеј патува во Црна Гора во моментот на зголемени политички тензии и забраната на Црногорските власти за прослава на обединувањето на Србија и Црна Гора по Првата светска војна во 1918 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/10/2018 20:26