Како коалициски партнер во владата имав обврска да презентирам алтернативен предлог, кој премиерот Алксис Ципрас го знае, но не го одобрува како национална политика, вели грчкиот министер за одбрана Панос Каменос во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ, во однос на неговиот план Б за меѓудржавни договори како алтернатива на Договорот од Преспа, претставен на средбата со претставници на американската администрација, при неговата посета на Вашингтон.

- Алтернативниот предлог го знае премиерот, но го нема одобрено како национална политика. Имам разјаснето, дека ова, според наше мислење, ќе требаше да биде предлог, алтернативен предлог во случај Договорот од Преспа да не оди напред или од наша или од нивна страна, рече Каменос, објаснувајќи дека неговиот предлог е за да се гарантира безбедноста во регионот, по пример на трилатералните и квадрилатералните средби што ги одржува Грција, да се направи еден договор во кој ќе учествуваат Албанија, Бугарија, Грција и Македонија и САД, а подоцна да се приклучи и Србија.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, министерот за одбрана и лидер на Независни Грци, рече дека тоа е неговата позиција како владин коалициски партнер, а одговорот што го добил од САД бил дека тие инсистираат на поддршка на Договорот од Преспа. Тој додаде дека на средба со министерот за надворешни работи од САД – земјата партнер, „имаш обврска не само да го изразиш и твоето несогласување, туку да дадеш и алтернативен предлог“.

- Во Стејт департментот доаѓам како министер за национална одбрана и штом ги решаваме прашањата што се однесуваат на Министерството за национална одбрана, имам обврска како коалиционен партнер во владата да објаснам дека ние како коалициони партнери не се согласуваме со Договорот од Преспа, рече Каменос во интервјуто и објасни дека на средбата разјаснил дека „позицијата на владата секако и понатаму е Договорот од Преспа, како што е изразена од министерот за надворешни работи и премиерот“.

Во интервјуто за ЕРТ, Каменос уште еднаш повтори дека додека бил во САД немал телефонски разговор со Ципрас, а одби да даде јасен и директен одговор дали во текот на денешниот ден ќе оствари средба со грчкиот премиер, како што од утрово објавуваат дел од грчките медиуми.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/10/2018 10:09