Над една петина од српските граѓани, односно 22 проценти, потенцијално сакаат да се иселат од земјата, покажаа резултатите од истражувањето на тема „Зошто луѓето ја напуштаат Србија“, кое го спроведе организацијата „Србија 21“, во јуни и јули годинава на примерок од илјада полнолетни граѓани.

Меѓу оние кои планираат да ја напуштат Србија, доминираат луѓе на возраст од 18 до 29 години (34 проценти или 450.000 граѓани). Од луѓето кои сакаат да заминат во странство, 45 проценти размислуваат за трајно иселување.

Најчестите мотиви за иселување од земјата се стандардот на живеење (41 отсто), подобро платена работа (36 проценти) и лошата ситуација во државата (девет проценти од испитаниците).

Во западни земји сакаат да се иселат 85 отсто од испитаниците, а само два отсто ја посочуваат Русија како посакувана дестинација.

Освен Србија, истражувањето беше спроведено и меѓу дијаспората со онлајн анкета во која учествувале 2.149 возрасни граѓани кои се иселиле од Србија. Големо мнозинство од испитаниците (92 проценти) сметаат дека нивните животи во странство се подобри отколку што биле во Србија. На прашањето зошто им е подобро во странство, 37 проценти го истакнуваат подобриот животен стандард, регулирана држава (13 проценти) и безбедноста (шест проценти).

На прашањето „Дали ќе се вратите во Србија ?“, 41 отсто рекле дека не планираат такво нешто, а 35 отсто рекле дека ќе се вратат, но само откако ќе се пензионираат.

Вкупно 90 проценти од испитаниците ја гледаат иднината на нивните деца во странство.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/10/2018 16:09