Потпретседателот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Агим Велиу, по синоќешната средба со претседателите на партиските ограноци, рече дека во текот на идната недела ќе биде објавено дали опозицијата успеала да постигне договор со пратеници од партиите на коалицијата на власт за изгласување недоверба за актуелната Влада, јави дописникот на МИА од Приштина.
Велиу, по средбата свикана од партискиот лидер Иса Мустафа, им изјави на новинарите дека е убеден дека „изборите не се далеку“ и дека опозицијата ги врши потребните подготовки за уривање на Владата на Рамуш Харадинај.
ЛДК, рече Велиу, соработува со другите политички субјеки, со цел да ги обезбеди гласовите за интерпелацијата што деновиве ќе ја поднесе во Собранието. За таа цел, како што веќе порано најави опозицијата, ќе се разговара и со пратеници од власта, кои се исто така незадоволни од оваа Влада.
Потпретседателот на најголемата косовска опозициска партија рече дека најдоцна идната недела ќе објават дали е постигнат договор за уривање на актуелната власт со интерпелација во Собранието.