Група од околу 50 маскирани лица, синоќа со молотови коктели, камења и разни предмети ја нападна полициската станица Омонија во центарот на Атина, а полесно беа повредени четворица полицајци.

Според грчките медиуми, групата, прво фрлила молотов на паркирано полициско комбе, а потоа и на полициската станица, по што исчезнале во непознат правец.

Двајца полицајци имале проблеми со дишењето, други двајца биле лесно повредени од скршените прозорци, а сите четворица биле пренесени во болница.

Од нападот е предизвикана сериозна материјална штета на пет автомобили и на три службени возила.

Грчката полиција работи на расчистување на случајот.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, од Сојузот на полициски службеници, велат дека станува збор за обид за убиство, бидејќи групата маскирани лица сакала мртов полицаец, додека пак за денеска напладне од Сојузот, повикаа на протест пред полициската станица што беше вчера нападната.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/10/2018 11:14