Со сите државнички почести, денеска во Тирана беше пречекан принцот на Монако, Алберт Втори, кој на покана на претседателот Илир Мета ќе престојува во дводневна официјална посета на Албанија.
По церемонијата на која го дочека Мета, тие имаа одвоена средба, а потоа следуваше средба на делегациите на двете земји, предводени од принцот Алберт и претседателот Мета.
Шефот на албанската држава високо ја оцени посетата на Алберт Втори нагласувајќи дека во последните седум години дипломатските односи и соработката меѓу Албанија и Монако се одвиваат на многу позитивен начин.
- Посетата на принцот Алберт Втори е јасна потврда на заедничката желба и волја за понатамошно унапредување на билатералните односи, истакна Мета.
Тој оддаде признание за поддршката на Фондацијата на принцот од Монако и друштвото за финансирање на заштитените подрачја на Медитеранот, што им ја даваат на албанските структури и друштва за заштита и промоција на природните богатства и заштитените поморски албански зони.
Двајцата соговорници разговараа и околу ангажирањето во рамки на Договорот од Париз за климата, нагасувајќи го интересот за потесна соработка во тој правец. Како многу значајна ја оценија соработката на двете земји во сите меѓународни организации, каде се членки, во интерес на мирот, безбедноста и стабилниот развој.
Средбата на двете делегации заврши со потпишување Меморандум за разбирање од страна на министерите за надорешни работи на двете земји, Дитмир Бушати и Жил Тонели, со кој двете страни се согласуваат да ги идентификуваат посебните области за соработка. Исто така потпишан е и Договор за финансирање за заштита на природни ресурси меѓу Монако и Регионалната администрација на заштитените подрачја во Валона.
Ова е прва посета на Алберт Втори на Албанија,во чии рамки планирани се средби и со други албански високи личности.