Турскиот фудбалер Арда Туран кој игра во истанбулскиот тим Башакшехир како позајмен играч од Барселона, ќе ја плати цената за своето арогантно однесување и инцидентот што го предизвика во ноќен клуб.

Клубот процени дека „несоодветното однесување на Туран не се вклопува во етичкото и професионалното разбирање на фудбалот“ и го казни со 370.000 евра. Поранешниот турски репрезентативец продолжува редовно да ги извршува своите обврски за клубот до судска пресуда за инцидентот во кој учествуваше.

Туран е обвиент поради напад врз турскиот пејач Беркај Шахин, поради што Обвинителството во Истанбул побара затворска казна од 12 и пол години.

Инцидентот се случи минатата седмица во ноќен клуб во Истанбул, а 31-годишниот фудбалер го нападнал пејачот и му го скршил носот.

Во ноќниот клуб за време на нападот присуствувала и сопругата на Шахин, а како што објавија турските медиуми причина за расправијата биле токму навредите на Туран упатени кон неа.

Туран е обвинет за сексуален напад, незаконско носење на огнено оружје, закани по живот и намерно нанесување тешки телесни повреди.

Искусниот 31-годишен играч од средниот ред не прави проблеми првпат. Во мај на Туран му беше изречена парична казна од 9.200 долари и доби суспензија од 16 натпревари, откако нападна помошен судија за време на натпревар од турското фудбалско првенство, а минатата година беше исфрлен од Барселона, бидејќи сакаше да се пресмета со новинар.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/10/2018 17:34