Репрезентативецот на Франција, Антоан Гризман изјави дека некој од играчите на светскиот шампион треба да ја освои „Златаната топка“, која „Франс Фудбал“ ја доделува на најдобриот играч на светот.

- Нема попрестижна награда од оваа. Секогаш ја добивал најдобриот меѓу најдобрите, и мислам дека некој од нас, Французите треба да ја добие наградата. Тоа е логично, шампиони сме и ние тоа го заслужуваме, рече Гризман, кој заедно со Рафаел Варан и Килијан Мбапе се најдоа во листата од 30 кандидати.

Наградата на ФИФА, како на Светското првенство, така и во последниве избори за играч на годината, ја освои Хрватот Лука Модриќ, кој даде интересна изјава за „Франс фудбал“.

- Не, вие нема да добиете од мене одговор дека ја заслужувам наградата. Лично, најважно ми е да играм добро, оваа година беше најдобра во мојата кариера и што се однесува до трите кандидатури на Французите, мислам дека Гризман најмногу ја заслужува награда. Играше одлично и освои многу трофеи, рече Модриќ.

Лука со Хрватска стигна до финалето на Светското првенство, а со Реал Мадрид стана шампион на Европа, додека Гризман со Франција го освои трофејот на Мундијалот, даде четири гола во Русија, со неколку важни асистенции, а со Атлетико ги освои Лига Европа и Европскиот Супер Куп.

Освојувачот на „Златната топка“ ќе биде познат на 3 декември.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/10/2018 17:45