Спортското здружение МТБ Исток од Кочани во соработка со Здружението за планинско трчање, алпинизам, експедиции и други адреналински активности во планина - ТРЕКС од Скопје се организитори на второто издание на натпреварот во планинско трчање Graтche Trail Run.
Целта на настанот е поголема промоција на овој вид спорт во државата, како и промоција на природните предности на акумулацијата Гратче кај Кочани, како одлично место за планински спортови.
- Трката ќе се одржи в недела на 21 октомври, а стартот е закажан за 11 часот на паркингот на Еуро хотел Гратче, каде што ќе биде и целта. Должината на патеката е 13 километри со денивелација од 663 метри, таа ќе биде целосно маркирана и ќе се протега од паркингот на хотелот, покрај водопадите на Голема Река, селата Горно и Долно Гратче, локацијата Мактеон и патеката околу браната. Предвидено е да има една контролна точка и освежителна станица на 5,5 и 7,5 километри, истакна Владо Симеонов од спортското здружение МТБ Исток.
Организаторите ги повикуваат сите љубители на планинското трчање од државата, кои сакаат да поминат прекрасен ден во рекреација во природа, да се пријават за учество на настанот на веб-страницата на ТРЕКС.
За најдобрите натпреварувачи во машка и женска конкуренција се обебзедени признанија и награди.