МЗТ Скопје со 100:90 на домашен терен го совлада Ловќен од Цетиње во рамките на четвртото коло од АБА2 лигата.

Иако имаа фаворитска улога, кошаркарите на МЗТ во првата четвртина покажаа слабост и им дозволија на гостите да поведат и по десет минути игра резултатот беше 19:24.

Во втората четвртина МЗТ се обиде да се врати во игра и ја анулираше разликата, но кошаркарите на Ловќен не дозволија пресврт и на паузата заминаа со предност од 43:45.

И во третиот период гостите ја задржаа контролата над играта и го добија со 16:19 (59:64).

Во последниот дел кошаркарите на МЗТ покажаа поквалитетна игра и на пет минути пред крајот на натпреварот имаа водство од 73:68, но не успеаа да го задржат и дозволија Ловќен во регуларниот дел да израмни на 77:77.

Кошаркарите на МЗТ потешко од очекуваното дојдоа до победа, дури откако во дополнителното време покажаа поголема концентрација во играта и натпреварот го добија со 100:90.

Лестер Медфорд со 24 поени беше најефикасен кај МЗТ, а Алекса Поповиќ беше прв стрелец на Ловќен и воопшто на натпреварот со 33 постигнати поени.

МЗТ претходно ги совлада Хелиос и Борац Чачак, а загуби од Приморска.

Во следното коло тимот од Аеродром ќе гостува во Мостар кај Зрињски.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/10/2018 01:44