Пилотот на Ферари, Себастијан Фетел откри дека неговото заостанување од 67 поени во однос на Луис Хамилтон јасно кажува кој од двајцата завршил подобра работа во шампионатот оваа сезона.
Шансите на Фетел за титулата пред почетокот на Гран При на САД се доста минимални, а на Хамилтон му требаат само осум поени повеќе од Фетел, за да ја освои титулата шампион во Формула 1.
Причините да се стигне дотука делумно се поради серија грешки на Германецот во втората половина од сезоната, како и поради лошата стратегија во штабот на „Скудерија“.
Запрашан дали Хамилтон и Мерцедес завршија подобра работа во сезоната, Фетел одговори: „Досега, да. Доста е очигледно, само треба да се погледнат поените“.
Себастијан сепак не верува дека само неговите грешки довеле до сегашната ситуација.
– Имаше трки, во кои можев да се справам подобро. Во некои требаше да се претставиме подобро како тим. Генерално мислам дека немавме доволно натпревари, во кои ќе бидеме најбрзи и ќе доминираме уште од квалификациите, вели тој.
Фетел призна дека неговиот обид да го претекне Макс Верстапен во Јапонија бил премногу оптимистички, но во САД ќе биде уште поагресивен во својата цел да го намали заостатокот од Хамилтон.
– Секогаш се трудам да победам. Мислам дека треба да си агресивен, за да победиш, и, се разбира, да ја пронајдеш вистинската рамнотежа. Никогаш не мислиш дека ќе направиш нешто глупаво, едноставно понекогаш не го проценуваш ризикот. Овој викенд ќе ризикувам повеќе, знам каков пристап треба да имам и што точно да направам, додаде Фетел.