Леброн Џејмс не успеа да забележи победа во домашното деби за Л.А. Лејкерс, откако „езерџиите“ беа поразени со 115:124 од Хјустон Рокетс.

Гледачите во преполниот „Стејплс Центар, меѓу кои и десетици познати личности од Лос Анџелес, видоа како „Кралот“ постигна 24 поени, но исто така и тројца избркани играчи, откако во последната четвртина дојде до тепачка на паркетот.

Инцидентот се случи по грубиот фаул на Инграм врз Џејмс Харден, кој го заврши мечот со 36 поени. Крилото на домаќините го удри противникот, по што дојде до тепачка меѓу Крис Пол и Ражон Рондо. Се создаде сериозна мешаница, по што беа избркани Инграм, Пол и Рандо.

Инаку „езерџиите“ беа блиску до противникот речиси во текот на целиот натпревар, но како и против Портланд во последната четвртина не успеаја да стигнат до триумф, откако тимот од Тексас го освои периодот со 26:18, а Харден постигна 11 поени токму во решавачкиот период.

Крис Пол помогна со 28 поени и 10 асистенции за првиот триумф на Хјустон, додека Клинт Капела имаше 19 поени и 12 скока. Гостите имаа предност во скоковите од 54-44.

Резултати од натпревари во НБА: Вашингтон – Торонто 113: 117 Индијана – Бруклин 132: 112 Њујорк – Бостон 101: 103 Филаделфија – Орландо 116: 115 Мајами – Шарлот 112: 113 Чикаго – Детроит 116: 118 Далас – Минесота 140: 136 Денвер – Феникс 119: 91 Портланд – Сан Антонио 121: 108 Лос Анџелес Лејкерс – Хјустон 115: 124.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/10/2018 12:52