Македонија претрпе пораз од Грција со 28:26 во второто коло од квалификацискиот циклус за Европското првенство во 2020 година.
По несигурната игра во воведните минути на натпреварот во Кожани, македонските ракометари воспоставија поголема контрола над теренот и имаа водство кое со осцилации го одржуваа до 20-та минута.
На десет минути пред крајот на првиот дел домашните ракометари успеаа да израмнат и да наметнат игра гол за гол.
Првото полувреме помина во многу грешки на двете страни, а македонската репрезентација со погодок во последните секунди на паузата да замина со минимална предност од 12:13.
Меѓу најзаслужните за водството на Македонија беше голманот Никола Митревски, кој со повеќе одлични интервенции не дозволи резултатски пресврт.
И во второто полувреме македонската репрезентација не ја оправда фаворитската улога и продолжи со неконзистентната игра со многу грешки. Иако македонските ракометари во поголемиот дел од полувремето имаа минимална предност, на неколку минути пред крајот дозволија домаќините да поведат.
Грчките ракометари во финишот останаа пофокусирани на теренот, ги искористија грешките на македонскиот тим и благодарение на одличните интервенции на голманот Цилимпарис остварија победа од 28:26.
Македонија во првото коло ја совлада Турција, а веќе во следното коло ќе се соочи со Исланд.