На свечена церемонија одржана во спортската сала „Бранители 2001“ во Крива Паланка, кошаркарскиот клуб кој го носи името на градот додели плакети за развој и промоција на кошарката во знак на благодарност на досегашната поддршка и унапредување на овој популарен спорт.
Плакети за поддршка и промоција, развој на кошарката во Крива Паланка добија: Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на РМ, Љупчо Николовски, градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, а присуствуваа и Моника Гаврилоска, генерален секретар на Македонска кошаркарска федерација и Владимир Темелковски, спортски директор на МКФ, кои добија плакети за поддршка и развој на женската кошарка и кошарката во целост во Крива Паланка.
– Многу сум среќна што гледам многубројна публика, пред се, која ја поддржува оваа успешна кошаркарска приказна во Крива Паланка. Кога пред две години на нашата заедничка средба со Ведран и Ирена Белешковски од клубот, не верував дека за толку кратко време ќе успеат во Паланка да оформат прволигашка екипа и горда сум на овие девојчиња кои ги гледам овде. Секој почеток е тежок, но со поддршката која ја имате од локалната самоуправа и со она што МКФ го овозможи за поддршка и развој, стимулирајќи ја женската кошарка особено, сигурна сум дека од овие девојки, како и сите кои се вклучија во првата македонска кошаркарска лига жени, ќе има такви кои ќе го надополнат сениорскиот состав на Македонија, по неколку години, рече Гаврилоска.
Плакетите беа доделени пред одржување на првенствениот натпревар од Прва лига жени, помеѓу домаќинот ЖКК „Крива Паланка“ и ЖКК „Патриот 2016“, Делчево, кој финишираше со резултат 87:57, прва победа на прволигашкиот женски тим на „Крива Паланка“.
За несебична поддршка во развојот на кошарката во Крива Паланка плакети добија и поддржувачите, стопанственици: Антонио Димитровски, Сашко Митовски, Димче Тројановски и Игор Милковски.
Посебна плакета му беше доделена на Кајл Бучер, волонтер на Мировен корпус на САД во Македонија, за посебен придонес во унапредување, развој, етаблирање, промоција на кошарката во Крива Паланка и особени заслуги за создавање трајни пријателства и соработка базирани на спорт, во меѓународни рамки.
Во текот на денот се одигра и натпреварот од Втора лига мажи, помеѓу КК „Крива Паланка“ и КК „Спарта”, Скопје, на кој во трилер завршница триумфираше „Спарта“ со 90 наспрема 89.