Индустриското производство во септември е зголемено за 4,5 проценти во споредба со истиот месец лани, а зголемување од пет проценти има и за периодот јануари – септември.

Според податоците што денеска ги објави Државниот завод за статистика, раст е забележан во секторите Рударство и вадење на камен за 4,7 проценти, Преработувачка индустрија за 3,6 проценти и во Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 19,2 проценти.

Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство на прехранбените производи, пијалаците, текстилот, основните фармацевтски производи, како и производството на метали, машини и уреди, моторни возила и мебел.

Според главните индустриски групи, раст е забележан кај Енергија за 15,5 проценти, Интермедијарни производи, освен енергија за 5,1 и Капитални производи за 14,9 проценти. Опаѓање има кај Трајни производи за широка потрошувачка и Нетрајни производи за широка потрошувачка.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/10/2018 14:43