Со цел интензивирање и продлабочување на економската соработка меѓу Македонија и Босна и Херцеговина во Скопје во присуство на претставници на повеќе компании од двете земји е формиран македонско-босанско-херцеговски деловен клуб.

Функционирањето на клубот, како што информираат, треба да овозможи поуспешен настап на компаниите на пазарот на другата земја, заеднички бизнис-проекти и промовирање на бизнис поволностите на пазарите на Македонија и Босна и Херцеговина, како и на инвестициските поволности на двете земји.

На формирањето на деловниот клуб присуствуваше и актуелната амбасадорка на Босна и Херцеговина во Македонија Лепа Бабиќ, која посочи дека формирањето на клубот треба да претставува платформа за понатамошен развој и раст и нешто што ќе го олесни настапот на компаниите на пазарите и ќе им помогне во надминувањето на бариерите кои стојат на патот за остварување повисоко ниво на соработка.

– Очекувам со ангажманот на компаниите од двете земји работата на овој клуб сѐ повеќе да се зголемува во иднина и да дава конкретни резултати, изјави Бабиќ.

За претседател на македонско-босанско-херцеговски деловен клуб е избран Радош Вукичевиќ, генерален директор на винарија „Тиквеш“, кој во своето обраќање истакна дека здружувањето и редовното состанување на стопанствениците на двете земји е од особена важност во поглед на унапредување на билатералните односи и поголемо вмрежување во регионот.

Основачи на македонско – босанско-херцеговскиот деловен клуб се повеќе компании од двете земји, кои меѓудругото најавија и интензивирање на работата за зголемување на заедничкиот настап на трети пазари.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/10/2018 13:46