Изложбата „Подарени дела од Чехословачка“ од колекцијата на Музејот на современата уметност беше отворена синоќа во националната установа.
На отворањето на изложбата, што се реализира по повод 100-годишнината од формирањето на Чехословачка, присуствуваа и амбасадорите на Република Чешка и на Република Словачка во Република Македонија, Мирослав Томан и Хенрик Маркуш, соопшти Министерството за култура.
Министерот за култура Асаф Адеми во своето обраќање истакнал дека акцентот на изложбата е ставен на годината кога е формирана заедничката држава Чехословачка во 1918, која во 1993 година по мирен пат се раздели на Чешка Република и Словачка Република.
– Чехословачка и пред еден век ни беше многу блиска, а денес и Чешка и Словачка ни се многу поблиски. Културните врски денес полесно ги совладуваат географските дистанци. Доказ за тоа е чехословачката колекција донирана на МСУ Скопје. Нејзината вредност обврзува. И јас и амбасадорите на Чешка и на Словачка во наредниот период уште подлабоко ќе ги истражиме потенцијалите за нашата соработка и ќе ги интензивираме културните врски меѓу нашите држави. Претстојното зачленување во ЕУ и во НАТО, сигурен сум, ќе ја потенцира блискоста што и денес ја имаме, рекол министерот за култура.
На изложбата се претставени 65 дела кои се дел од музејската колекција – слики, графики, скулптури и цртежи од чехословачки автори.