Прилепскиот народен театар утревечер ќе ја изведе последната премиерна претстава оваа година. Публиката на матичната сцена на театарот „Војдан Чернодрински“ ќе ја види претставата „Ученикот“ од Мариус фон Маербург, во режија на Кирил Петрески кој ја изврши и драматургијата на текстот.
Станува збор за современ драмски текст на германскиот автор Мариус фон Маербург. Претставата „Ученикот“ е според драмскиот текст „Маченик“ од Мариус фон Маербург и со кратки сцени, со филмски јазик, ги прикажува современите предизвици на младата генерација. Авторот се занимава со проблемите со кои сите ние се среќаваме.
-Сите ние во ова време се соочуваме со предизвиците и опасностите од разни ектремности, политички, религиозни или економски. Во драмскиот текст еден млад човек се среќава со сите тие презизвици и прашање е како тој се соочува и се бори со нив, рече режисерот Петрески на денешната прес-конференција во Театарот.
Актерот Зоран Иваноски смета дека во краткиот рог на кој работеле на претставата постигнале многу.
-Во мојата дваесетгодишна актерска кариера ми се нема случено ваков интензивен краток период на работа – толку сложено, а едноставно во исто време. Младите актери ми ја вратија желбата и волјата да творам, рече актерот Иваноски.
Во претставата играат пет млади актери кои се новиот бран актери, нови, модерни, бескомпромисни уметници кои треба да го повлечат во иднина прилепскиот народен театар.
Во претставата играат: Зоран Иваноски, Марија Спиркоска Илијеска, Александар Тодески, Лора Штарго, Наум Ѓорѓиески, Димитар Паскоски, Марија Талеска и Иво Јездиќ. Сценографијата и плакатот се на Владо Ѓорески, костимите на Александар Џинго, а музиката на Серафим Чернит.