Усвојувањето на новиот Закон за енергетика, што е усогласен со Третиот енергетски пакет, е огромен чекор напред што го направи Република Македонија со кој се овозможува правна рамка за воспоставување на „Ден однапред пазарот на електрична енергија“ и спојување на енергетските пазари. Проектот за спојување на пазарите на Република Македонија и Република Бугарија веќе е инициран, нотира Енергетската заедница (ЕЗ) во „Годишниот извештај за спроведување на европското законодавство во согласност со Договорот за воспоставување на Енергетската заедница за 2018 година“ (Secretariat, 2018 Annual Implementation Report on the of the Acquis under the Treaty Establishing the Energy Community).
Според извештајот Македонија е на трето место по спроведувањето на реформите во енергетскиот сектор во однос на деветте земји што се споредуваат.
-Извештајот е доказ дека Македонија ги спроведува реформите со забрзано темпо со резултат 50 отсто споредено со 2017 година и е над просекот на ниво на Енергетската заедница која има просек од 43 отсто. Дополнително е нагласено дека во процес на реализација се 38 отсто од потребните законски и подзаконски акти со кои дополнително се усогласува македонското енергетско законодавство со она на ЕУ. Доказ за спроведувањето на реформите е и податокот дека против Република Македонија не се води ниту еден спор пред Енергетската заедница, оценуваат од Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Во делот за енергетска ефикасност, додаваат, посебно е нагласен постигнатиот напредок под водство на новата Влада, во споредба со стагнацијата во изминатите неколку години под водство на претходната Влада.
-Во четирите главни сектори, Македонија е прворангирана во имплементација на законска регулатива за гас (40 отсто) и за нафени деривати (53 отсто), на четврто место за легислатива поврзана со електричната енергија (52 отсто), додека за одржливост е на шесто место (50 отсто). Во извештајот се наведени и поединечни анализи на девет најзначајни сектори, при што се истакнува дека правната легислатива во поглед на статистички податоци за енергетски потреби е усогласена со европската во 98 отсто, за обновливи извори на енергија 52 отсто, за животна средина 54 отсто, за нафтени деривати 53 отсто, додека за електрична енергија и енергетска ефикасност усогласувањето моментално е на 52 отсто,велат од Кабинетот на Анѓушев.
Анализирајќи ги институциите, потенцираат, се нотира дека Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија е оценета со 72 отсто и е на прво место споредено со останатите земји членки на Енергетската заедница.
-Напредокот во спроведувањето на енергетските реформи започна по одржување на Самитот за Западен Балкан во Трст, а во најголема мера се должи на донесувањето на новиот Закон за енергетика, во кој се имплементирани европските директиви и регулативи од Третиот енергетски пакет. Податоците изнесени во извештајот се уште една потврда дека Република Македонија сериозно пристапи кон спроведување на реформите во енергетскиот сектор, откако во јуни, по донесување на Законот за енергетика, Секретаријатот на енергетската заедница ги повлече и споровите покренати кон Република Македонија поради не спроведување на превземените обврски од Договорот за Енергетска заедница, потенцираат од Кабинетот на Анѓушев.