„Фокусирај се на важното“ е насловена едукативната кампања со која ќе се подигнува свесноста и информираноста кај населението за работата на пензиските друштва и предностите од направената пензиска реформа, со фокус на работата на вториот задолжителен пензиски столб.
Кампањата ја спроведуават пензиските друштва Сава пензиско друштво АД Скопје и КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, во соработка со Агенцијата за супервизија за капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС).
Тие преку кампањата повикуваат на зголемување на интересот на сите граѓани за нивните лични пензиски заштеди, ажурирање на личните податоци и користење на можноста за редовна проверка на состојбата на нивната пензиска сметка.
Истражувањата на пензиските друштва, како што информираа денеска, покажуваат дека бројот на членови што редовно си ја следат состојбата на пензиската заштеда преку интернет-страните на пензиските друштва или кои повремено бараат дополнителни извештаи за пензиска заштеда е мал и наспроти очекувањата, расте многу бавно.
Пораката на пензиските друштва е да се поттикне членството во фокусот на вниманието да вклучи еден особено важен сегмент од животот и планирањето на иднината, информацијата за состојбата и движењето на пензиската заштеда.
Со направената реформа во 2006 година, дел од придонесите за пензиско и инвалидско осигурување се акумулираат во еден од двата задолжителни пензиски фонда од вториот столб и се инвестираат со цел остварување принос и капитализација на парите на идните пензионери, при што ќе се намали товарот врз Буџетот на државата за покривање на пензиите од првиот столб.
– Како резултат на добрите инвестиции и остварените добивки на пензиските друштва, КБ Прво пензиско друштво и Сава пензиско друштво во периодот од почетокот со работењето до 30.9.2018 година, сметководствената единица на задолжителните пензиски фондови (втор столб) имаше просечен годишен раст од 5,64 проценти, соопштија носителите на кампањата кои укажуават дека податоци за пензиската сметка се достапни на penzija.mk .