Институтиот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од 5 до 9 ноември ќе ја организира манифестцаијата „Отворени денови на Институтот“, годинава во знакот на одбележувањето 65 години од основањето.

На отворањето в понеделник ќе бидат одбележани 115 години од излегувањето на книгата „За македонцките работи“ на Мисирков и 25 години од смртта на Блаже Конески. Во наредните два дена (6 и 7 ноември) ќе се одржи меѓународна научна конференција „Јазикот и културата – состојби и предизвици“ на која, како што беше соопштено денеска на прес-конференција, ќе учествуваат 70 лингвисти од македонските универзитети, како и од Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Турција, Полска и Словенија. Отворените денови ќе завршат на 9 ноември со трибина „Македонскиот јазик во медиумскиот простор“.

Во рамки на четиридневната манифестација ќе биде потпишан договор за соработка со Институтот за јазици од Сараево, ќе бидат промовирани зборник со научни трудови од минатогодишната конференција и цеде со апстракти од излагањата на учесниците на годинашната и промоција на најновата, 13-та свеска од проектот Речник на црковнословенски јазик.

Директорката на Институтот Елена Јованова-Грујовска на прес-конференцијата апелираше дипломираните македонисти да се вработуваат како лектори затоа што поради не наоѓањето работа опаѓа и бројот на запишани на катедрата на Филолошкиот факултет. Поголема грижа, рече, треба и за финансирањето проекти на Институтот, а потребен им е и научен кадар.

-Минатата година примивме еден човек редовно вработен по цели 19 години. Трета година бараме вработувања, потребни ни се 15. Има наши магистри и доктори на науки кои се без работа. Вкупниот број на вработени е 34 сосе администрацијата. Кога јас се вработив во Институтот, имаше 53, рече Јованова-Грујовска Бараат и повисоки плати, затоа што, рече, тие се исклучително ниски и под достоинството на универзитетски професор.

Сепак, додаде таа, во овие две години Институтот добил средства за капитални инвестиции и, како што рече, по долгогодишна празнина, имаат нови компјутери, печатачи, реновиран амфитеатар и првпат климатизација.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/11/2018 13:51