Во дневните весници и на веб-страницата www.kultura.gov.mk денеска е објавен Конкурсот за поддршка на стручно усовршување на талентирани уметници и дефицитарни стручни кадри во областа на театарот, музиката, танцот, литературата, визуелните уметности, архитектурата и дизајнот и заштитата на недвижното, движното и нематеријалното културно наследство за 2019 година, соопшти Министерството за култура.

Во конкурсот е наведено дека Министерството за култура ќе обезбеди средства во еднократен износ од Буџетот на Република Македонија за 2019 година за поддршка на стручно усовршување на талентирани уметници и дефицитарни стручни кадри (за додипломски, постдипломски и докторски студии и специјализации) во странство со приоритет на студиите што ги нема во образовниот систем во Република Македонија. Ќе се обезбеди поддршка на стручно усовршување на дефицитарни стручни кадри за непосредна заштита на културното наследство и поддршка на стручно усовршување во странство на кадри за менаџмент и маркетинг во културата и примена на нови технологии.

– При одлучувањето, предност ќе имаат учесниците на конкурсот кои се на повисок степен на студии, оствариле повисоки достигнувања и имаат подобри препораки, постигнале повисок успех во изминатите години, се вели во соопштението.

Пријавата, што е составен дел од Конкурсот, се презема од веб-страницата на Министерството за култура www.kultura.gov.mk и се пополнува во електронска форма и се доставува во печатена форма во Министерството за култура.

Конкурсот трае до 30 ноември 2018 година. Заинтересираните можат да добијат дополнителни информации во Министерството за култура, кај одговорниот државен службеник за соодветната дејност од областа на културата.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/11/2018 13:53