Фондот за иновации и технолошки развој подготвува протокол согласно кој ќе постапува во случаи кога за средства ќе аплицираат компании кои изјавиле дека имаат поврзаност со носители на јавни функции. Врз основа на протоколот ќе се прави проценка на ризик на бизнисот, која пак со другите услови ќе влијае на одлуката дали може компанијата да добие државни средства. На ваков начин, посочуваат од ФИТР, се оневозможува некоја компанија да биде фаворизирана, или пак дискриминирана.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски, на денешната презентација на протоколот, истакна дека при доделувањето на средствата ќе се води сметка дали компанијата е наменски формирана за да аплицира и добие вакви средства или пак дали поврзаноста со носителот на јавна функција ќе влијае на одржливоста на бизнисот, како и дали таа е компанија која долги години опстојува на пазарот, има голем број вработени и одржлив бизнис што може да го развива.
Тој смета дека поврзаноста со носител на јавна функција не смее сама по себе да биде услов некоја компанија да биде дискриминирана, доколку таа има одржлив бизнис и долго опстојува на пазарот. Таквите компании, додаде Деспотовски, само треба да бидат свесни дека ќе поминат низ една ваква процедура на проценка на ризик.
-Наша цел е да овозможиме еднаков третман за сите компании. Не смее и нема да дозволам да има компании кои ќе бидат дискриминирани, не смее, и исто така, нема да дозволам да има компании кои ќе бидат фаворизирани. Уставот на оваа држава гарантира еднаквост на сите. Никаде нема да сретнете во светот компанија да биде дискриминирана само врз основа на соственичка структура. Затоа одиме со системско решение, рече Деспотовски.
-Ќе ги обесхрабрам само сите оние компании кои се наменски формирани или ќе се формираат за користење јавни фондови да не аплицираат, бидејќи оваа анализа ќе покаже висок ризик и нема да добијат средства. Но, оние кои постојат на пазарот имаат одржлив бизнис и добра идеја како да го разработуваат понатаму, а притоа плаќаат даноци и вработуваат луѓе, да, ќе ги охрабрам да аплицираат, рече директорот на ФИТР.
Претседателката на Транспаренси Интернешнал Слаѓана Тасева се согласува дека македонскиот Устав не дозволува да се оди ригидно во забрана компании, во кои дел сопственост и на некој носител на јавна функција или лице поврзано со него, да бидат целосно исклучени. -Нашиот Устав не го дозволува тоа и ќе го смета за дискриминација. Сега воведуваме практики какви што ни овозможува нашиот правен систем. Затоа зборуваме за транспарентост и објективност на оваа постапка и за тоа дека системски треба да се воведе ова решение, рече Тасева. Тој појасни дека ова е предлог решение кое ќе биде отворено за дополнување од сите заинтересирани во наредните 15 дена, а дури потоа ќе се изготвува финална верзија. Овој протокол, појаснуваат од ФИТР, е дополнување на претходно утврдената постапка на евалуација, и барањето за доставување изјава за сопственичка структура, и за постоење или непостоење носител на јавна функција и или член на негово/нејзино семејство во неа. Ако некој изјави дека има поврзаност со носител на јавна функција, во тој случај, се се прави анализа на ризик. Анализата ќе ја изработува тим врз основа на одговори на претходно дефинирани прашања во прашалник. Документот после ќе биде составен дел од документацијата што ќе ја добие секое лице кое учествува во пред-евалуација или во финалната евалуација на апликацијата и проектот. Ваква анализа најпрво ќе биде изработена за четирите компании кои учествуваа на првиот повик , и потоа доставија изјава за поврзаност со носител на јавна функција. Врз основа на ваквата анализа ќе биде одлучено дали ќе ги добијат средствата или не.